Иновативно решение за справување со насилството доби глобално признание
Запознајте се со пет паметни тинејџери од Северна Македонија кои стојат зад иновацијата која доби стручно менторство од партнерите на Generation Unlimited и 20.000 $ почетни средства за проширување на својата иницијатива. Нивната идеја е едноставна – барање начин да им помогнат на жртвите од врсничко насилство. Александра, Матеј, Амра, Данче и Дарио зборуваат за нивната мобилна апликација Speak Out која е направена со цел да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство. Го опишуваат и своето искуство од моментот на аплицирање на глобалниот предизвик Generation Unlimited до радоста кога дознаа дека нивниот тим е еден од петте победници на светскиот натпревар.
Александра, 18 години, „лидерка на тимот полна со ентузијазам“ како што ја нарекуваат другите членови на тимот
„Најдоброто нешто што го научив во последниве неколку месеци е дека кога ќе започнете нешто, треба и да го завршите! На почетокот многу се мачев со кодот и не бев сигурна како ќе се справам со техничкиот дел – мислам дека никогаш немаше да успеам сама. Но, секогаш кога станував малодушна и сакав да се откажам, Матеј ќе ми помогнеше и некако ќе успеевме да завршиме! Од клучно значење е да ве поддржува вашиот тим и менторот но, и да учите низ процесот.“
…првите контури на идејата се појавуваат на воведната работилница…
„Темата на која работевме е многу важна за нас. Ни се чини дека врсничкото насилство е сѐ уште табу во нашата земја и на младите не им е пријатно да зборуваат за ова со родителите или со некој друг. Сакавме да си дадеме безбеден простор за изразување, прашување и советување. Многу од нашите пријатели прашуваа како можат да помогнат или да ни се приклучат во ова што го правиме, што е одлично и ни кажува дека оваа апликација е потребна,“ вели Александра.
…и АндроМета победува во првата фаза од натпреварот.
„Имам чувство дека возрасните не веруваат секогаш во нашите способности, но искуството не доаѓа само со годините, туку со правење работи што се важни. Младите можат да направат промена“, рече Александра.
Матеј, 16 години, „генијален програмер и песимист“ како што го нарекуваат другите членови на тимот само една минута по добивање на веста дека АндроМета е еден од петте победници на Generation Unlimited во светот.
„Ова е неверојатно. Останав без зборови. Никогаш не мислев дека ќе го постигнеме ова. Мислев дека тешко ќе поминеме на домашен терен, а камоли на светскиот.
Можноста за постојано учење во процесот на развивање е најдобриот дел од предизвикот Generation Unlimited. За мене беше интересно и да се научи дека понекогаш, за да функционираме, не мора да се согласиме околу сѐ, дури и по подолга дискусија. Може само да се согласиме дека не се согласуваме и да се почитуваме.“
Матеј го презентира концептот на SpeakOut пред жирито и публиката на настанот кога АндроМета се квалификува заедно со уште еден тим да ја претставува Северна Македонија на светскиот предизвик GenerationUnlimited.
„И самиот сум доживеал насилство, па ова искуство на некој начин ми помогна во процесот на изработка на апликацијата. Таа треба да служи како форум каде младите може да разменуваат информации, но, има и опција за чет-месинџер каде што може да зборуваат со волонтери за прашања што ги засегаат, да побараат совет, и сл. Цврсто верувам дека секој млад човек може да внесе промена во својата заедница ако навистина сака, зашто со посветеност и упорност може да се постигне сѐ. Најдобра поука: научи да препознаеш конструктивен фидбек и искористи го“, рече Матеј.
Амра, 17 години, “енергичен портпарол“ како што ја нарекуваат другите членови на тимот
„Навистина добро ја испромовиравме апликацијата. На почетокот ми беше малку срам кога моравме да делиме флаери и да разговараме со луѓето, но постепено станавме добри во тоа и стана забавно. Многу охрабрува кога други млади луѓе се искрено заинтересирани и сакаат да дознаат повеќе. Исто така, супер поминавме на социјалните мрежи.“
Тимот АндроМета, под водство на менторот, страсно расправа за тоа како да ја спроведе идејата во пракса
„Еден од најдобрите спомени од целото искуство е работилницата! Имаше многу позитивна енергија. Сите беа многу отворени и друштвени – запознавме многу прекрасни луѓе. Работевме и учевме, но сепак имавме слобода да се дружиме и со другите тимови.
Сега многу другари на училиште ме прашуваат како дознавме за предизвикот и дали може да се приклучат – мислам дека почнуваат да ме гледаат поинаку, но во позитивна смисла. Она што им го велам е дека треба само да се почне, а потоа сè ќе си дојде на свое место,“ вели Амра.
Данче, 18 години, „мудриот советник“
„Гледам многу промени и кај нас самите, како на пример, Матеј, кој секогаш е многу скромен и скептичен, покажа многу самодоверба, почна да верува во себе, и навистина ми е мило за него.
Сериозно си ја сфативме задачата уште од самиот почеток, па дури и пред работилницата се сретнавме неколку пати за да се подготвиме и да истражиме. Мислам дека токму тоа ни помогна, на целиот предизвик му пристапивме посветено.“
Дарио, 16 години, „гуру за маркетинг и промоција“
„Целото ова искуство е просто неверојатно, почнувајќи од тоа како се запознавме, бидејќи сите живееме во различни делови на Скопје. Се сретнавме на еден настан, каде започнавме да разговараме (разговаравме цел викенд) и дојдовме до оваа идеја да се пријавиме, потоа дознавме дека сме влегле во потесниот избор за националниот избор, имавме први настапи во јавноста и на медиумите, и сѐ што следи. Сите тие моменти едноставно не се забораваат и нѐ исполнуваат.
Младите може да внесат огромна промена ако имаат волја и мотивација да ги прифатат можностите околу себе и ако научат да се обединат и да соработуваат. Еден поединец не може да направи промена во општеството, но кога повеќе луѓе работат заедно, може да се постигне речиси сѐ“, рече Дарио.
Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатваGeneration Unlimitedкоја беше промовирана од страна на Генералното собрание на Обединетите нации со цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.
Написот е преземен од УНИЦЕФ МК.