Рефлексија на искуството до сега: тим “Bionic”

GenUnlimited октомври 7, 2020 0 Коментари

Здраво, ние сме eBionics, еден од тимовите – победници на Generation Unlimited младинскиот предизвик. Можеби имате слушнато за нас и за нашиот продукт – 3Д печатена бионичка рака, па додека ние работиме на ново подобрување на бионичката рака, би сакале да направиме кратка рефлексија на нашето искуство досега! Приказната на eBionics започна во декември минатата година, пред првата работилница на предизвикот. За нас беше многу важно тимот да биде составен од членови кои меѓусебно се познаваат и имаат комуникација и надвор од училиште, а исто така и секој член однапред да ја знае својата задача. Тоа беше и главна причина што дојдовме до нашата идеја. Нашата цел на работилницата беше да ги убедиме сите дека идејата нема да остане само на тоа, туку дека ние ќе ја направиме реалност, што и навистина се случи во тие 3 дена. Иако во оваа фаза беше потребна само идејата, ние сакавме да го покажеме потенцијалот на овој проект уште од почетокот.

 

Во еден момент, тензијата и нервозата при работата се претворија во задоволство и изненаденост – дури и од наша страна. Очекувано, прототипот беше далеку од тоа што го имаме денес, но најважно беше да покажеме дека замислата на дело навистина работи. Во овие 9 месеци, успеавме да направиме нова верзија и ја зголемивме функционалноста на бионичката рака иако го скративме процесот на склопување од 7 часа на само 1 час. Имаме и наша веб-страна, на која што можат да се пронајдат сите информации потребни за секој, секаде да може да ја склопи нашата бионичка рака, како и профили на социјалните мрежи, каде што секогаш ги објавуваме најинтересните моменти од нашата работа. Моментално, работиме на уште една верзија на раката, за која очекуваме дека ќе функционира уште посоцистифирано, а корисниците веднаш би се навикнале на неа. Би ви препорачале да не следите на Фејзбук и Инстаграм, како и да се приклучите на нашата Фејзбук заедница – таму со сигурност ќе ги добиете сите новости поврзани со нашето искуство и работа, чиј дел сте и самите вие!