Со помош на дигиталната технологија до подобро утре – Одбрани победниците на Generation Unlimited

Одбрани два тима победници во предизвикот за млади кои продолжуваат во глобалниот избирачки процес

Во финалето на локалниот предизвик за млади – Generation Unlimited кое се одржа на 6 мај 2020 во форма на онлајн настан, тимовите финалисти ги презентираа нивните продукти и развојот во фазата на инкубација. Со цел идентификување дигитални решенија кои директно ги адресираат постоечките потреби и предизвици на децата и младите со попреченост беа одбрани два тима чиишто проекти ќе бидат поднесени во глобалниот избирачки процес каде ќе ја имаат можноста овие проекти да ги развијат на светско ниво!

Од петте финалисти, како национални победници кои докажаа најголем потенцијал за развој и влијание се одбрани тимовите „Bionic“  и „Mind Benders“. Тие во периодот кој претстои ќе им се придружат на останатите тимови ширум светот во глобалниот натпревар.

Нивниот труд и вложеност беше препознаен од УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија и во таа насока, овие два тима ќе добијат финансиска поддршка во висина од две илјади американски долари за секој тим со цел успешно доразвивање и прогресирање во понатамошниот тек на предизвикот.

Дополнително, поради постигнатите резултати беше одбран и еден почесен тим, тимот „Нешто Нетипично“ кој ќе добие локална финансиска поддршка во висина од илјада американски долари за имплементација за своето решение.

Младинскиот предизвик оваа година се одвива во 41 земја во светот, а кај нас 45 млади индивидуалци во вкупно 10 тимови учествуваа со нивните иновативни идеи кои понудија одговор на предизвикот: “Како може дигиталната технологија да допринесе за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот?”.

Овие тимови со помош на ресурсите на предизвикот, нивните посветени ментори како и достапните експерти од различни области таргетираа потреби врз основа на кои од идеја развија прототип – продукти на темата „Дигитална инклузија”. 

Целокупниот процес до завршниот настан траеше 8 месеци и опфати повеќе фази на развој од кои последната, фазата на инкубација им даде можност на пет тимови финалисти да ги имплементираат нивните проекти во локалната заедница со помош на менторска и почетна финансиска инвестиција во времетраење од 3 месеци. Завршниот настан ја отслика напорната работа на тимовите финалисти и го покажа вистинскиот потенцијал на младите во земјата!

Ни претставува огромна чест што во овој предизвик, гласот на младите луѓе со визија за подобро утре е слушнат и отпоздравен од повеќе страни. Претседателот на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски со свое официјално обраќање им понуди поддршка и инспирација на тимовите финалисти на завршниот настан.

Ни претставува огромно задоволство што учество во овој предизвик земаа и истакнатите членови на жири комисијата, реномирани професионалци со долгогодишно искуство во областа на инклузија, дигитални технологии, одржливост и развој на бизнис.

Линк до видео од целиот завршен настан може да најдете на: https://youtu.be/SwZqRNY85UE

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Дознајтe повеќе за победничките тимови и нивните продукти на социјалните медиуми: 

„Bionic“:  https://www.facebook.com/eBionics/

„Mind Benders“: https://www.facebook.com/Digital-Menu-101921754716032/

„Нешто Нетипично“: https://www.facebook.com/walkiieapp/

 

Generation Unlimited – Младинскиот предизвик 2019/20 е организиран од страна на УНИЦЕФ во партнерство со Фондацијата Телеком за Македонија, имплементиран е од страна на СмартАп – Лабораторија за социјални иновации Скопје и е локално поддржан од Сојузот на извидници на Македонија.